Доделени наградите на МАИ за периодот меѓу два саема

Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, донесе одлуки за доделување признанија за најдобра едиција, за најдобро ликовно-графички уредено издание, за автор на годината, за најкреативно издание, за најдобра книга за деца, за поттикнување на општествена одговорност, специјално признание за промотор на читачката култура, и признание за иновативност.

Основен критериум за признание за најдобра едиција е уредничкиот пристап и унифицираноста на едицијата, но и естетиката, издавачот приложува образложение за уредничкиот пристап и за концептот на едицијата. Првто место е за едицијата „Целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова“ („Арс ламина “), второ место едицијата „Штици“ („Гаврош“) и трето место едицијата „Безвременски“ („Три“).

Првото место за најдобро ликовно-графички уредено издание што се доделува за оригинален дизајн на корица и/или внатрешно уредување е „Бамбино“ со приказна и текст на Ника Гавровска и дизајн на Никола Радуловиќ („Гаврош“), второ место „Збор по збор“ од Ника Гавровска (идеја, концепт и графичко уредување) и Наташа Андонова (илустрации) („Гаврош“) и трето место „Волшебното патување на Простор и Време“ – автор Мирко Трајановски, илустратор Кристијан Јованоски („Софија“ – Богданци).

Првото место за најдобра книга за деца го освои „Пет приказни од целиот свет“ од Живко Грозданоски, со илустрации на Хари Дудески („Чудна шума“), второто место „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш, со илустрации на Наталија Лукомска („Арс ламина“) и третото место „Мистериозниот остров“ од Бистра Георгиева, со илустрации на Наталија Лукомска („Три“).

Признанието за автор на годината, кое се доделува врз основа на популарноста и влијателноста на авторот во културно-општествената средина и неговиот придонес во афирмација на книжевноста во и надвор од државата, бројот на странски преводи на дело/дела од авторот во периодот меѓу двата саема, како и успесите од продажбата (број на продадени примероци) го доби Владимир Јанковски.

За најкреативо издание, категорија во која влегуваат оригиналните детски интерактивни книги, боенки за возрасни, како и останати нестандардни изданија, е прогласено „Во главата пишувам расказ“ од Елизабета Баковска и Сашо Димоски (самостојно издание). Второто место во оваа категорија е за Боенки „Finger print art“ („Арс ламина“) и третото место: „Игра со придавки“ – од Оливија Георгиевска, со илустрации на Јована Велинова-Трајанова („Арс ламина“).

Признанието за поттикнување на општествена одговорност, за чие добивање издавачот треба да приложи проект или листа на проекти за корпоративна општествена одговорност со опис на проектите и резултатите што се постигнати со нив го доби проектот „Сликовницата на Халки“ од издавачот „Софија“ – Богданци.

Специјално признание за промотор на читачката култура му е доделено на Фестивалот „Bookstar“.

Членови на Комисијата а доделување на наградите се Весна Дамчевска, новинарка, Сашо Димоски, книжевник и театролог и Никола Војнов, графички дизајнер.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*