Доделување на државната награда „Гоце Делчев“ за 2022

Државната награда „Гоце Делчев“ за 2022 година, што се доделува за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија во областа на науката, денеска ќе  му биде доделена на проф. д-р Мишо Докмановиќ.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Докмановиќ е добитник на наградата за делото „Сами на своето – кратка историја на македонската независност (1990 – 1993)“.

Д-р Мишо Докмановиќ е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Ги предава предметите историја на правото и современа македонска историја на додипломските студии и предметите Балканот и американската дипломатија, Дипломатски протокол и Историја и дипломатија на Блискиот Исток на последипломските студии. Во периодот 2007 – 2013 г. го предавал и предметот право и информатичка технологија.

За врвните резултати во научноистражувачката дејност д-р Докмановиќ е добитник на наградата „Научник на годината“  на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2013 година. Тој е најмлад добитник на оваа награда досега.

Докмановиќ е претседател на Македонско – американската алумни асоцијација, претседател на управниот одбор на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ. Член е на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Од  октомври  2017  година  проф.  д-р Докмановиќ е член на Делегацијата на Република Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (Intenational Holocaust Remebrance Alliance).

Тој е автор и коавтор на преку 70 научни и стручни трудови, објавени во референти списанија во земјата и странство на англиски и француски јазик. Проф. Докмановиќ е автор на првиот универзитетски учебник за  американската  надворешна  политика  објавен  на  македонски  јазик -„Балканот  и американската дипломатија во XX  век“.  Член е на повеќе меѓународни здруженија вклучувајќи го Европското друштво за компаративна правна историја.

Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“ ќе ја додели наградата на пладне во Собранието.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*