ЕК: Санкциите врз руската нафта сега треба да ги одобрат земјите членки на ЕУ

Европската Комисија разјасни дел од најавите на претседателката фон дер Лајен за шестиот пакет санкции против Русија, кој предвидува рестрикции врз нафтениот сектор, јави дописничката на МИА од Брисел.

Комисијата денеска го поднесе својот предлог за шестиот пакет санкции до Советот на ЕУ, т.е. земјите членки, тие сега ќе разговараат, евентуално ќе донесат измени и потоа се очекува брзо да го усвојат.

Главна точка на овој пакет се санкциите врз нафтениот сектор на Русија. Европската Комисија сака во наредните шест месеци да прекине увозот на сирова нафта, а до крајот на годината и на сите рафинирани нафтени производи од Русија.

Портпаролот на Европската Комисија ги отфрли наводите дека и во самата Комисија немало едногласност за овој предлог.

-Поддршката во Комисијата е полна и целосна, предлогот е усвоен преку писмена процедура со едногласна поддршка на сите членови на Колеџот, рече Ерик Мамер, портпарол.

Познато е дека некои земји членки се позависни од други од руските извори на енергија, вклучително и нафтата, а Унгарија јавно изрази несогласување со ваков тип на санкции. Меѓутоа Европската Комисија пред да поднесе предлог го испитува мислењето во земјите членки, и не се очекуваат драматични превирања кај земјите членки, но не се исклучуваат измени на предлогот во тој дел од процедурата.

Европската Комисија, иако не открива детали за предлогот, уверува дека се земени предвид и специфичните ситуации на земјите членки кои се позависни од руската нафта. Целта е да се најде рамнотежа меѓу притисокот врз Русија и ублажување на негативните последици врз земјите членки на ЕУ и нејзините партнери.

-Ако го прекинеме веднаш увозот на нафта ќе го максимизираме притисокот врз Русија, но мора да се гледа и другата страна на равенката, максимален притисок врз Русија кој ги минимизира последиците врз нас, нашите партнери и глобалните пазари, треба да се најде тој баланс, да се имаат тие ограничувања на ум. Ако максимизираме преку прекин на увозот на нафта веднаш и ако тоа нѐ кошта нас и донесе дисбаланс на глобалниот пазар наместо притисок врз Русија, тогаш не ја постигнуваме нашата цел, изјави Мамер на прашање зашто не се забрани веднаш и целосно руската нафта.

Извршната европска власт исто така уверува дека Русија веќе ги чувствува последиците од сите досегашни санкции на ЕУ и нејзините партнери.

-Има видливи ефекти од санкции, има ефект врз прогнозите за развој на руската економија, Русија ќе се соочи со силна рецесија поради санкциите и поради војната, таа не е во можност да набави есенцијални компоненти за функционирањето на нејзините воени и економски сили, има структурен ефект кој ќе ја ослабне Русија, додаде Мамер.

Крајната цел на ЕУ со санкциите, притисокот и изолацијата од меѓународната сцена е да го натера Кремљ да стави крај на инвазијата на Украина, но крајната одлука може да ја донесе само претседателот на Русија, Владимир Путин, рече портпаролот Петер Стано.

Комисијата се надева дека овој шести пакет санкции ќе биде брзо усвоен од страна на Советот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*