Подготвена нацрт верзија за нов кривичен законик, се очекува да биде донесен до крајот на годината

 Измените на постојниот Кривичен законик во однос на насилството врз новинари се во собраниска процедура и тие треба да бидат усогласени со целосно новиот кривичен законик,  кој веќе постои во првична нацрт верзија и за кратко време ќе биде ставен на ЕНЕР, а треба да биде донесен до крајот на годината, најави денеска министерот за правда Никола Тупанчески.

– Во однос на постојниот Кривичен законик, едно од кривичните дела во новите измени и дополнувања на Кривичниот законик беше поместувањето во одредбата 123 доколку има насилство, односно убиство на новинар тоа ќе претставува и квалифициран облик на убиство. Така што се подигнува квалитетот на општествената реакција со тоа што тие измени и оние коишто се на линија на Истанбулската конвенција се во собраниска процедура. Морам да кажам дека имаме една мала дилема затоа што во моментов се работи на нов кривичен законик. Значи, овие измени коишто се околу 60-ина одредби, ќе треба да бидат компатибилни заедно со измените, односно заедно со новиот кривичен законик. Да не ни се случи од номотехнички аспект дека овие измени не кореспондираат со новите решенија во новиот кривичен законик. Затоа ќе треба да се биде внимателен за да не се доведеме во фаза да не ги менуваме измените коишто се измени на Кривичниот законик, изјави Тупанчевски во одговор на новинарско прашање.

Прашан за можноста да се врати клеветата како кривично дело, Тупанчески појасни дека наспроти Германија каде клеветата и навредата како противправни дејствија се составен интегрален дел од Кривичниот законик, според кој, ако се наклевети пратеник предвидена е казна затвор до пет години, во Република Северна Македонија се применува друг концепт, за посебен закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Измените коишто биле во собраниска процедура се повлечени, заради допрецизирање на одредбите и вметнување на забелешките од новинарската фела.

– Тоа решение е веќе подолго време кај нас, меѓутоа констатиравме дека има одредени дефекти, недостатоци во однос на постојниот, актуелниот Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда и токму во таа насока во собраниска процедура се измените и дополнувањата на овој закон. Една од корекциите е во однос на износот на глоби, основно на паричниот износ којшто се однесува на некој што извршел таков тип на поведение – навреда или клевета и тоа е драстично намалено и тоа е во полза на новинарите, изјави Тупанчески.

Покрај ова, според него, ќе да се додефинираат уште неколку работи согласно забелешките на  новинарската фела, кои се прифатени.

– Во таа насока го повлековме законот, за повторно да го ставиме во собраниска процедура. Така што верувам дека во текот на оваа или идната недела веќе ќе има и финално решение, додаде министерот за правда.

Законот за помилување, пак, посочува тој, практично е нов закон откако примената на постојниот закон покажала дека постојат одредби коишто различно се интерпретираа, при што се користени добри компаративни искуства, а новина е дека во една порана фаза од судската постапка не ќе постои можност за помилување.

– Се покажа тоа дека не е најдоброто решение. Во таа насока се обидовме и се обидуваме да се сведат на минимум таквите можности за различно толкување на законот, така што дадени се прецизни критериуми. Се знае точно кои институции до каде се надлежностите и ингеренции и практично се анулирани сите оние потенцијални можности за злоупотреба на законот за помилување. Се разбира претседателот ќе го има крајниот збор, затоа што тоа е поединечен правен акт којшто го донесува претседателот на државата и тука се инволвирани уште кaзнено-поправните установи и Министерството за правда. Она што е важно има рокови коишто се прецизни и докрај се прецизирани ингеренциите на сите засегнати страни, на сите институции коишто учествуваат во процесот на помилување, изјави министерот за правда одговарајќи на новинарски прашања на маргините на 10-тата сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Актуелните предизвици во македонското правосудство низ перспективата на препораките на националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија“ во рамки на активностите од проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*