Промовирана книгата „Лев Огненов“ од Павле Митрески и Димитар Смилески

„Лев Огненов“ книга за охридскиот преродбеник и учител од крајот на 19 и првата половина на 20. век, од авторите Павле Митрески и Димитар Смилески денеска беше промовирана во Охрид.

Промоторот на делото, поетот Славе Ѓорго Димоски истакна дека се работи за монографија со неспокоен и објективен истражувачки дух.

– За животниот портрет во книгата има бројни и подробни документарни показатели, преку кои се осветлува и се реактуелизира оваа значајна личност за Охрид. Неговиот духовен портрет во книгата е претставен преку една хроника за Охрид, од неговото основање од страна на Кадмо се до укинувањето на Охридската архиепископија. Податоците се енциклопедиски подредени и обработени, конкретни во својата информативност, а поместен е и еден статистички преглед за бројната состојба на населението во Охридската епархија. Тоа што за мене, а мислам и за читателите е интересно е подготвениот, но никогаш неодржан говор од 1946 година, по повод двегодишнината од ослободувањето на Охрид, рече Димоски.

Авторите, додаде Димоски, како толкувачи на охридското историско минато откриваат и посочуваат видни личности, кои своите стапки ги оставиле во неизбришливите страници на историјата. Ние, нагласи Димоски, добиваме вредно дело за една исклучителна личност вградена во бурната историја на Охрид.

Идејата да ја отпечатат книгата, Смилески информира дека потекнува уште од пред десетина години. Со професорот Митрески, посочи дека имале доста архивски материјали. Датумот за промоција, не случајно е избран поклопувајќи се со смртта на Гоце Делчев.

– Се работи за навистина врвен интелектуалец во неговото време, Лев Огненов, кој ние се трудиме да го претставиме како општественик, човек кој е вклучен во сите пори на животот на Охрид. Тој е првиот претседател на охридската организација на ВМРО во Охрид, одреден дел од својот живот посветил на образованието издигнувајќи се во врвен педагог. Во оваа монографија за прв пат е објавен говорот кој требало да го одржи по повод годишнината од ослободувањето на Охрид во 1946 година. Но, говорот не му бил објавен, бидејќи тогашните власти барале тие да го читаат, а тој не дозволил, истакна Смилески.

За Лев Огненов, додаде имале уште многу материјали, но финансиите дозволиле да се објави само дел.

– Иако е мала, книгата е значајна, за значајна личност и треба во таа насока да се продолжи да се обработуваат големи личности, кои во Охрид сè уште не се познати, а биле многу значајни за нивното време, заклучи Смилески.

Лев Огненов, според Митрески, бил интересна личност, со завршен факултет во Цариград, знаел многу јазици и оставил едно големо благородно семејство, а бил учесник и во Илинденското востание, секретар на Охридската митрополија.

– Тоа значи не е случајна личност. За среќа Охрид во 19 и 20 век за разлика од други градови во светот и посебно на Балканот дал многу интелектуалци. За тоа јадро од интелектуалци, на жители од седум – осум илјади навистина е редок случај. Во таа смисла ние решивме и сме благодарни на Општина Охрид што ни обезбеди средства да ја испечатиме оваа книга, рече Митрески.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*