Шефот на кабинетот на Зеленски: Изјавата на Лавров докажува дека Русија е закана за Евреите

Неодамнешните изјави на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за еврејската крв на Адолф Хитлер докажуваат дека Москва претставува закана за Евреите насекаде и се граничи со негирањето на Холокаустот, изјави Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Тоа повторно покажа дека Русија претставува егзистенцијална закана, не само за Украина, со најмалку 100.000 Евреи, туку и за целата еврејска нација низ светот, истакна Јермак за израелскиот весник „Тајмс оф Израел“.

Шефот на руската дипломатија во неделата за италијанска телевизија изјави дека „Хитлер имал и еврејска крв“ и дека „некои од најлошите антисемитисти се Евреи“.

Неговите изјави како одговор на прашање за тврдењето на Москва дека инвазијата врз Украина е обид да се денацифицира таа земја, иако нејзиниот претседател Зеленски е Евреин, беа остро критикувани.

Јермак отворено зборуваше за своето еврејско потекло и рече дека членовите на семејството на неговиот татко, Евреин роден во Киев, биле убиени во масакрот во Бабин Јар во септември 1941 година, кога нацистите и нивните локални сојузници убија 33.000 Евреи.

Тој ги повика и Израел и еврејските организации да одговорат на изјавите на Лавров, поддржувајќи ја реакцијата на Зеленски, кој праша дали Израел треба да го намали нивото на односите со Москва.

Засега не е јасно дали предизвиканиот јаз ќе има пошироки дипломатски последици или ќе влијае на одлуката за проширување на помошта за Украина.

Јермак очекува изјавите на рускиот министер и, како што рече, воените злосторства на Русија, кои се повеќе се очевидни, да ја поттикнат Владата на Израел да заземе проукраинска позиција.

Главниот руски рабин Берел Лазар, исто така, ги критикуваше изјавите на Лавров, нарекувајќи ги шокантни и побара Лавров да се извини.

– Не се сметам себеси за компетентен да му дадам совети на шефот на руската дипломатија, но би било убаво тој да им се извини на Евреите и едноставно да признае дека згрешил, вели рабинот, кој има блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*