Ајхер: Тешки месеци за автомобилската индустрија, се надеваме на подбрување во следната половина од годината

Автомобилската индустрија се соочува со потешкотии не само поради војната во Украина, туку и поради тоа што е оневозможена испораката на делови од електронските делови од Кина. Компаниите од овој сектор се надеваат дека ситуацијата ќе се подобри во втората половина од годинава.

Генералниот директор на „Макарт Македонија“, Волфганг Ајхер денеска изјави дека првите четири месеци од годинава биле особено тешки и дека имаат помалку 30 отсто реализација од планираното.

– Доста пораснавме во изминатите седум години и постигнавме многу. Минатата година со ковидот кризата беше тешка, но годинава е поинаква. Изминативе четири месеци се особено тешки не само поради војната во Украина, туку и поради ковид ситуацијата во Кина поради што беше оневозможена испораката на електронските делови. Се надевам дека во следната половина од годината ќе се подобри ситуацијата и ќе можеме да се подобриме како компанија и да продолжиме да растеме. Последиците се 30 отсто помалку од планираното, изјави Ајхер по посетата на премиерот Димитар Ковачевски и германската амбасадорка на  „Макарт“.

Според германската амбасадорка, пандемијата и прекинатите синџири на набавка силно ја погодиле автомобилската индустрија и покажале дека мора сите повеќе да си помагаат и да се држат заедно. Задоволна е што трговската размена меѓу двете држави континуирано расте и најавува дека и во иднина соработката постојано ќе се подобрува.

-Да се има трговски суфицит со Германија е реткост и ви честитам на тоа.  Германија со години е најдобриот трговски партнер на земјава, а таа соработка постојано се подобрува и продлабочува, рече Холштајн.

Премиерот Ковачевски најави дека Владата останува силно посветена на поддршката на стопанството и на унапредувањето на дуалното образование кое се спроведува и во оваа германска компанија. „Макарт“, според Ковачевски, е успешна приказна која стартувала со двајца вработени, а денес е глобална компанија со 21 локација на четири континенти, со повеќе од 10.2000 вработени и продажба од 1,3 милијарди евра.  

– Во денешниот свет на глобализација, на развој на машинството, дигитализацијата и роботиката можностите се неограничени, а државата е тука да ги отвори пазарите, факултетите да работат на програми за размена на студенти и трансфер на знаење, порача Ковачевски.

Задоволен е што и во услови на најголема светска криза, бројот на вработени во компанијата расте, така што во овој момент работат 670 граѓани кои произведуваат делови за автомобили за реномирани автомобилски брендови и кои имаат просечна плата над 500 евра.  

– Со Планот за економски раст, односно преку мерките за Законот за финансиска поддршка на инвестиции и со инструментот на Фондот за иновации и технолошки развој само во 2021 година македонското стопанство е поддржано со 48,5 милиони евра, а целта е да може да се отворат производствени капацитети – технолошки капацитети во државата коишто не само што ќе произведуваат финални производи за крајни купувачи, меѓутоа ќе можат да станат и партнери на вакви странски компании коишто навистина се со високо технолошко производство како што е Макарт во РСМ, рече Ковачевски. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*