Во Москва поставени плакати со кои познати Швеѓани се обвинуваат за нацизам

На улиците на Москва се појавија плакати на кои некои од најпознатите Швеѓани од 20 век се обвинуваат дека го поддржуваат нацизмот, што е знак за влошување на односите меѓу Русија и Шведска, нордиска земја која размислува да влезе во НАТО.

Два плакати со фотографии од шведскиот крал Густав Петти, писателката Астрид Линдгрен, филмскиот режисер Ингмар Бергман и основачот на ИКЕА Ингвар Кампрад беа залепени на автобуската постојка пред шведската амбасада со натпис: „Ние сме против нацизмот, тие не се“.

Уште еден постер со починати шведски познати личности е поставен на главна улица во центарот на Москва, јавија светските агенции.

– Шведска нема намера да се впушта во јавна полемика со руската организација Наша победа, која наводно стои зад овие плакати, соопшти шведското Министерство за надворешни работи.

– Во Русија повеќе пати се изнесени обвинувања за нацизам против земји и поединци кои изразуваат оправдана критика за руските постапки, се додава во соопштението.

Руската анексија на Крим во 2014 година и нејзината инвазија врз Украина која почна 24 февруари ги поттикна Шведска и Финска да ги преиспитаат своите безбедносни политики, а членството во НАТО се чини сè поверојатно.

Шведскиот министер за одбрана минатиот месец изјави дека барањето за членство во НАТО може да предизвика одговор од Русија, вклучувајќи кибер-напади и хибридни мерки како што се пропагандни кампањи.

Москва тврди дека нејзината „воена кампања во Украина е осмислена за да изврши демилитаризација и денацификација на земјата“. Киев и Западот тоа го отфрлија како неоснован изговор за неиспровоцирана агресивна војна против суверена демократска држава.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*