ЕК: Имаме разбирање за Унгарија и приговорите за санкциите врз руската нафта

 По најавата на унгарскиот премиер дека предлогот санкции на Европската Комисија за укинување на увозот на руска нафта не е прифатлив, Европската Комисија соопшти дека топката е во рацете на земјите членки сега, и дека има разбирање за специфичните ситуации, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шестиот пакет санкции предложен од Европската Комисија неделава предвидува прекин на увозот на сирова нафта во рок од шест месеци и рафинирани нафтени производи до крајот на годината. Изземени се Словачка и Унгарија на кои им се остава една година повеќе да се осамостојат од руската нафта, но ни овој предлог не ја задоволи власта на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој изјави дека предлогот на Европската Комисија каков што е не е прифатлив и го загрозува единството на ЕУ.

Европската Комисија не ги коментираше изјавите на Орбан, но изрази разбирање.

-Ги разбираме специфичностите и ограничувањата на Унгарија и други и се обидуваме да одговориме, сакаме да напредуваме со санкциите врз нафтата на начин кој ги зема предвид потребите на нашите партнери во светот, изјави Ерик Мамер, портпарол на Европската Комисија, кој додаде дека европската извршна власт го има на ум и стабилното функционирање на светскиот нафтен пазар кога предлага санкции.

Комисијата ги консултира и земјите членки и “сите релевантни чинители“, како што ги нарекува, пред да предложи нов пакет санкции.

-Се разбира дека размислувавме за ова пред да го презентираме нашиот предлог, ние пред предлогот не преговараме, туку се консултираме, затоа што формалниот форум за усвојување на предлогот е Советот, вака постапивме за сите претходни пакети, рече Мамер.

Тој истакна дека Комисијата смета дека сите биле соодветно информирани и дека нивните прашања биле слушнати при подготвувањето на предлогот санкции.

Сега на потег се земјите членки, чии амбасадори при ЕУ денеска се состануваат интензивно во Брисел на оваа тема. Надежта е дека ќе се постигне консензус до крајот на денот. Според дипломатите во Брисел, Европската Комисија сака да бидат усвоени овие санкции до понеделник, „Денот на Европа“.

-Санкциите се секогаш прецизно калибрирани за да се земат предвид специфичностите, затоа бараме начин да се прекине напливот на приходи за воената машина на Кремљ, а да се минимизира импактот врз ЕУ и сметаме дека е ова еминентно можно, изјави портпаролот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*