Заврши расправата за Извештајот на Европската Комисија за земјава за 2021 година

Во Собранието заврши расправата за Извештајот на Европската Комисија за земјава за 2021 година, во рамките на 57 седница.

За опозициските пратеници, овој Извештајот е со најлоша оценка досега и е реален приказ за лошата состојба во сите области во земјава. Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, неспособни луѓе ја водат земјата во погрешен правец. Пратениците од мнозинството, пак, посочија дека во него се нотира оти во сите поглавја или кластери има одреден напредок и дека состојбите се многу подобри отколку за време на владеењето на сегашната опозиција.

Заменик-претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека нивото на подготвеност на Република Северна Македонија е највисоко во регионот и, како што рече тој, Извештајот ветува почеток на преговори со ЕУ. Единствен проблем, нагласи Маричиќ, е ветото од Бугарија.

Пратеникот Панчо Минов посочи дека во Извештајот е нотирана големата политичка поларизација, која влијае на функционирањето на политичкиот дијалог во законодавниот дом, кој треба да работи со зголемен интензитет во однос на остварување на законодавната дејност.

– Во оваа насока, сметам дека, како пратеници ни преостанува во нашето работење и одлучување, во иднина да ја исполнуваме многу повеќе функцијата што ја имаме, рече Минов, додавајќи дека со носење на поквалитетни закони, пратениците ќе дадат свој придонес во подобро функционирање на законодавната дејност.

Тој нагласи дека треба да се преиспита селектирањето на носење закони по скратени постапки.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски рече дека Извештајот е патоказ на каде треба да се движи државата за да ги достигне европските стандарди и еден ден да стане членка на ЕУ. Тој потенцира дека овој Извештајот е оценет со најслаба оценка и оти власта со своите, како што рече, „испади, си создава нови услови кои досега не важеле за другите држави, поради отстапките кон Грција, а сега се најавуваат и отстапки кон Бугарија“.

– Она што ме загрижува е што оценката од ЕУ, во континуитет опаѓа, рече Здравковски.

Пратеничката од СДСМ Даниела Колева во реплика до Здравковски рече дека пратениците од опозицијата ги селектираат забелешките во Извештајот и оти областите за кои е забележан напредок, не ги спомнуваат.

– Зошто не кажавте дека во претходните извештаи пишуваше оти медиумите се заробени, пишуваше дека постои силна поларизација меѓу граѓаните и беше забележано дека има големо политичко мешање во сите институции. Пишуваше дека има ниска стапка на иновативност и конкурентност во економијата. Пишуваше дека во целата држава постои репресија и многу други работи кои влијаеа на назадување на државата, рече Колева.

По завршување на претресот по Извештајот на Европската Комисија за земјава за 2021 година, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, ја прекина 57 седница. За нејзиното продолжение по останатите точки, пратениците ќе бидат дополнително известени.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*