Нуредини: Обезбедување одржлива иднина е заедничка одговорност

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска се обрати на отварањето на меѓународната научна конференција GREDIT2022 (Green development, green infrastructure, green technology), посветена на проблематиката на животната средина.

Како што информира Министерството за животна средина и просторно планирање, Нуредини ја истакна важноста на соработката во заштитата на животната средина и нагласи дека преку развивање и имплементација на одржливи политики и инвестиции можат да се унапредат и економските и еколошките цели.

Нуредини посочи дека задачата на централните власти е да креира и донесува закони,  да спроведува реформи, да обезбеди инвестиции и да создаде услови за одржлив развој. Министерот Нуредини порача дека одговорноста за обезбедување одржлива иднина за наредните генерации е заедничка, науката да истражува и нуди иновативни решенија, а сите заедно како индивидуи да се грижиме за животната средина, да ги менуваме потрошувачките навики, да го селектираме отпадот, да се грижиме за природата. 

На отварањето се обратија и ректорoт на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ – Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Машинскиот факултет проф. д-р Дарко Данев и заменик-претседателот на Балканската асоцијација за животна средина БЕНА  д-р Цанер Занбак.

Конференцијата ќе трае до 8 маја пријавени се преку 200 трудови од научници од 15тина земји со фокус на загадување на воздух, вода и почва, обновлива енергија, менаџмент со урбаниот и индустрискиот отпад, енергетска ефикасност, климатски промени, здравствени аспекти на загадувањето на животната средина, агро-екологија и менаџирање со еколошките ризици.

Организатори се Машинскиот факултет – Скопје, Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и БЕНА (Балканска асоцијација за животна средина) со поддршка од Здружението „6-та Ѕвезда“.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*