Радован Караџиќ планира да побара нов судски процес

Поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој е осуден на доживотен затвор од Хашкиот трибунал, во телефонско интервју за агенцијата ТАСС изјавил дека има намера да побара повторно судење. Караџиќ моментално отслужува доживотна затворска казна во затворот Паркхурст, кој се наоѓа на островот Вајт во Ла Манш, во близина на брегот на Англија.

– Откако ја пропуштив жалбената постапка, можам само да побарам повторно судење. Имам намера да побарам, но не можам да го подготвам – немам компјутер, а тоа е на милиони страници. Во државата има 11 затвори каде е дозволено да се користат компјутери, а мене ми е потребен компјутер за да го подготвам случајот, имам околу еден терабајт информации, што се многу документи кои ми се потребни за преразгледување на делото, истакна поранешниот претседател на РС.

Истовремено, Караџиќ посочува дека пристапот до медицинска грижа за него е тежок. „Имам контакт со лекар, но ми оди многу бавно, на пример морам да закажам термин два или три месеци однапред. Чекам очен лекар една година за да ми смени очила. Немам столна ламба и кога ќе се стемни не можам да читам – не гледам. Докторите овде се добри ама зависат од клиники, бидејќи специјалисти од клиниките доаѓаат кај мене“, објаснува тој.

– Затворските услови се лоши, мислам дека се погодни за некој џепчија, но лоши се за човек со мојот профил и мои потреби. Немам компјутер, немам пристап до мојата култура, немам немам ТВ или радио програма од мојата земја, со еден збор, како да сум мртов и да сум во некој друг свет. Никој нема право да ме ограничува од мојата култура, јас сум лекар и писател, а судската одлука не ми наложува да престанам да бидам лекар и писател. Имам потреба од компјутер, интернет конекција, ако не сум осуден на смрт, сето тоа треба да го имам, вели Караџиќ во интервјуто.

Запрашан за неговата физичка безбедност, Караџиќ одговорил: „Мислам дека има такви. Има муслимани во моја близина, но тие не се агресивни. Мислам дека е така, но немам апсолутна претстава“.

Караџиќ, кој 13 години беше во бегство од меѓународната правда, е уапсен од српските безбедносни служби на периферијата на Белград во јули 2008 година и екстрадиран во Хашкиот трибунал. Судењето започна во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија на 26 октомври 2009 година. Во март 2016 година, Трибуналот го осуди Караџиќ на 40 години затвор, прогласувајќи го виновен за геноцидот во Сребреница, како и за воени злосторства и злосторства против човештвото поради 44-месечната опсада на Сараево, земање заложници од мировниците на ОН и етничко чистење со цел протерување на Хрватите и Бошњаците од делови на Босна.

Судот во 2019 година ја сметаше казната премногу блага и ја замени со доживотен затвор, ускратувајќи му го правото на Караџиќ да поднесе жалба на одлуката.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*