Бешлиоска: Да се подобрат условите за работа на медицинските сестри и да се спречи нивниот одлив

Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС), предводена од Здружението „За нас“. бара подобрување на условите за работа на медицинските сестри, спречување на нивниот одлив и зголемување на нивното задоволство, а со тоа и на нивното достоинство.

– Бараме унифициран договор за сестрите од примарното здравство кои се во концесинерските амбуланти, врз основа на кој тие ќе потпишуваат договори за работа и ќе се знаат сите нивни права и сето тоа со кое се соочуваат на работните места. Мора да се инвестира во образованието на медицинските сестри, тие да бидат вклучени во образовниот процес. Ние треба да бидеме таму каде се предметите по нега на болен кои ние ги работиме во болниците. Треба да се вратат одредени профили во образованието, да инвестираме во образовниот процес по однос на стручноста на програмите, да ги надминеме сите моменти кои дополнително го нарушуваат достоинството, а тоа е вонредното дошколување на медицинските сестри кое е уставно право и кое треба да му биде на секој поединец овозможено, изјави претседателката на Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС), Гордана Бешлиоска.

Таа посочи дека бараат да бидат признаени нивните компетенции во здравствените институции, каде треба да дојде до израз професионалното, да бидат признаени по основ на нивното образование и да се знаат нивните работни задачи и апелираат да не бидат „секогаш решавани со времени закони“.

– Имавме времен закон за сестрите во матичните амбуланти, имавме времен закон за време на пандемијата, сестрите да не се пензионираат и бараме тој закон да се отргне. Имаме голем број медицински сестри кои мораа да си дадат отказ од работните места затоа што не можеа понатаму да издржат да работат со над 40 години работно искуство. Треба итно да се ревалоризира тој времен закон за нивно пензионирање. На сето ова ќе ги придружиме и сите наши барања за скратување на возрасната година за пензионирање, за бенефициран стаж и просиндикалното однесување на Здружението „За нас“ и Унијата во синдикатите каде аплицираме со барања за подобрување на коефициентите за сестрите со средна стручна спрема и сметам дека сме на добар пат и со измените на целокупниот колективен договор да го постигнеме, да ја доближиме границата меѓу сестрата со средно и сестрата со високо образование, да се признаат високите школи и специјализациите на сестрите во здравствените институции, истакна Бешлиоска.

Таа повика сите овие нивните барања да се вметнат во еден закон, да учествуваат во неговата изработка и да бидат вклучени во работните комисии.

Одговарајќи на новинарски прашања Бешлиоска посочи дека проблемите не се од сега и се континуирани. Просечните плати, појасни таа, се зголемија линеарно со основните и другите општи зголемувања во изминатиот период, меѓутоа коефициентите на сестрите со средна стручна спрема во болниците се незадоволителни, имајќи го предвид сето тоа со кое се справуваат во нивните работни задачи.

– Нивното незадоволство дополнително го прави нивното одлевање. Се соочуваме со сестри со договор на дело со нерешен статус во болниците кои доаѓаат по завршување на образованието, се едуцираат и одат во другите држави. Сега имаме зголемен број сестри кои заминуваат во други земји. Триесет медицински сестри за две години ја напуштиле ГОБ „8 Септември“. Во оваа Светската недела на сестринството, која почна на 5 мај, СЗО проектираше дека до 2030 година ќе има недостиг на девет милиони медицински сестри, рече Бешлиоска, најавувајќи дека в четврток ќе се одржи централен настан по повод Меѓународниот ден на медицинските сестри.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*