Би-Би-Си: Може ли Путин да објави сеопшта војна?

Русија вели дека се глупост шпекулациите дека ќе и објави сеопшта војна на Украина на Денот на победата над фашизмот.

Би-Би-Си коментира дека Москва досега негираше оти е во војна, и инвазијата врз Украина ја нарекува „специјална воена операција“.

„Но, западните власти шпекулираат дека претседателот Владимир Путин би можел да ја искористи денешната парада во Москва за да објави ескалација на воената акција. Тој, се разбира, ги крие картите и додека не проговори на парадата на Црвениот плоштад, негирањата на Москва треба да ги прифаќаме со резерва“, пишува Би-Би-Си.

Британскиот медиум потсетува дека во деновите пред почетокот на инвазијата на 24 февруари, „руските функционери постојано ги исмеваа информациите за неизбежна инвазија како ’западна хистерија и пропаганда‘“. Сепак, Русија иврши инвазија, изненадувајќи дури и многу Украинци.

„Така, најмалку што можеме да очекуваме се некакви триумфални најави за постигнати цели и победени непријатели (вистински или замислени)“, додава Би-Би-Си.

Вината за бавното темпо на руското напредување во Донбас најверојатно ќе биде лоцирана кај НАТО и веројатно ќе има дополнителни предупредувања до Западот да престане да и помага на Украина да се брани.

Што и да се случи денес, тешко е да се очекува дека оваа војна ќе заврши наскоро, заклучува Би-Би-Си.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*