Маричиќ: 9-ти мај нè обврзува да продолжиме да ги негуваме мирот, единството, стабилноста и слободата

9-ти мај e симбол на херојството и единството на луѓето кои ги бранеа своите држави и целиот свет од најголемото зло на минатиот век – фашизмот. Овој историски датум нè предупредува дека злото што го направи фашизмот никогаш не смее да се повтори за доброто на идните генерации. Едновремено, овој датум нè обврзува да продолжиме да ги негуваме вистинските принципи за градење мир, единство, стабилност и слобода, порачува заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во видео обраќањето по повод Денот на победата над фашизмот и Ден на Европа.

Во честитката со порака за мир, единство, обединетост и солидарност, Маричиќ потсетува дека денеска се слави победата на демократијата, европските вредности, толеранцијата и дијалогот, во исполнувањето на визијата на Роберт Шуман и Жан Моне, како и дека овој ден е можност да се оддаде почит и да се изрази благодарност за она што Европската Унија го направи во интерес на мирот, стабилноста и развојот на континентот.

– Овогодинешниот 9-ти мај Европа и светот го одбележуваат во услови на безбедносна, економска и енергетска криза и затоа, како никогаш до сега ни се потребни основите на европските вредности: солидарноста, единството и соработката, посочува вицепремиерот Маричиќ.

Според него, сегашните предизвици недвосмислено покажуваат дека проширувањето, како најуспешна политика на Европската Унија, сепак е единствениот начин за зајакнување и заштита на безбедноста, мирот и напредокот на Европа, како и дека кохерентната политика на отворени врати ќе се врати високо на агендата на Европската Унија и во периодот што следи ќе даде резултати.

– Наша цел и единствена гаранција за просперитетна иднина на сегашните и идните генерации е Европската Унија. Затоа и остануваме трајно посветени нашата земја да стане полноправна, доверлива и одговорна членка на европското семејство, вели Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ денеска и утре е во работна посета на Париз, каде што ќе има состаноци со Клемент Бон, државниот секретар за европски прашања на Франција, со Изабел Думонт политичкиот советник за Балканот на претседателот Емануел Макрон, и со претседателот на Комитетот за Меѓународни прашања и одбрана, Кристиан Камбон.

Во рамки на посетата, Маричиќ ќе се обрати и на конференцијата „Балкански дијалози“, на која учествуваат високи претставници на државите од Западен Балкан и Европа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*