Почна кампањата „Зголемување на безбедноста на железничките премини“

Во СУГС „Владо Тасевски“ во Скопје денеска почна кампањата „Зголемување на безбедноста на железничките премини“, заедничка активност на министерствата за транспорт и врски и за внатрешни работи, Секретаријатот на транспортната заедница на Европската комисија и ЖРСМ Инфраструктира.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакна дека Денот на Европа, заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и со директорите на Секретаријатот на транспортната заедница, Матеј Закоњшек и на ЖРСМ Инфраструктура, Хари Локвенец, го одбележуваат во едно од средните училишта со дискусија за безбедноста во сообраќајот и презентација на видео изработено од Транспортната заедница, со цел да се подигне свеста.

– Ако сите заеднички работиме и на подобрувањето на инфраструктурата и на едукација на учениците од најраната возраст и граѓаните, кои се учесници во сообраќајот, за одговорно однесување, тогаш ќе ги намалиме несаканите состојби и по патиштата и по железничките пруги во државата, изјави Бочварски.

Според министерот Спасовски,  МВР, но и државата, во изминативе неколку години успеа да воспостави широк општествен консензус во однос на сообраќајната безбедност, поаѓајќи од темелниот став деклариран и како политички и како економски приоритет – дека безбедноста во сообраќајот е проблематика од примарен јавен интерес.

-Ефектите од таквиот сеопфатен пристап веќе даваат позитивни резултати како во делот на подигањето на јавната свест, едукацијата, сообраќајната култура, така и преку статистичките показатели во поглед на намалувањето на жртвите и штетите во сообраќајот. Тука, се разбира, не ја исклучувам ни безбедноста во железничкиот сообраќај, кој има и огромно економско значење, потенцираше министерот Спасовски.

Директорот на Секретаријатот на транспортната заедницај Закоњшек, потенцираше дека на Денот на Европа разговарале за безбедноста во железничкиот сообраќај истакнувајќи ја безбедноста на железничките премини.

– Добрата вест е што возовите во Западниот Балкан се враќаат на железничките пруги. Секако, ние треба да бидеме сигурни дека кога возовите се враќаат на пругите, железничките премини да бидат сигурни за сите што ги користат. Многу сум среќен што заедно со Владата на Република Северна Македонија работиме на подигнување на нивото на безбедноста на железничките премини. Тоа значи, како преку нивна физичка безбедност со подобрување на инфраструктурата, така и со кампања за подигнување на свеста на секој кој ги минува железничките премини, истакна Закоњшек.

Директорот на ЖРСМ Инфраструктура Хари Локвенец, пак, посочи дека на овој значаен ден ја почнуваат кампањата за безбедноста во сообраќајот од училиштето „Владо Тасевски“ и ја истакна важноста на безбедноста во сообраќајот, особено во делот на вкрстување на железничката и патната инфраструктура.

-Се наоѓаме на вистинското место оти покрај подобрување и одржување на железничката структура, потребно е и зголемување на едукацијата и почитувањето на сите правила, процедури и безбедносни протоколи, за таа безбедност да биде на високо ниво, рече Локвенец.

Тој верува дека кампањата ќе ја зголеми свеста на учесниците во сообраќајот и ќе се намали нивото на сообраќајни несреќи.

Податоците на Секретаријатот на Транспортната заедница покажуваат дека во регионот 55 отсто од сите несреќи на железничките премини се со фатален исход или тешки последици. Транспортната заедница со сите регионални партнери и со поддршка од ЕУ мапираше 30 најкритични премини во Северна Македонија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*