Ристевска Јорданова за МИА по повод Денот на Европа: Кризата во Украина да биде мотив за ЕУ за изнаоѓање решенија достојни на визијата за обединета Европа

Денеска е 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот. Денот на Европа е воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во основањето на Европската Унија.

Денес Европа е соочена со војна на нејзина територија, која што предизвика уште подлабока економска и политичка криза. Иако Европската Унија покажа силно единство во осудата на руската инвазија врз Украина и санкциите врз Москва, таа е пред нови предизвици во однос на тоа како ќе продолжи во иднина на планот на проширувањето.

Поради новонастанатата ситуација на европскиот континент, аналитичарите сметаат дека проширувањето на ЕУ денес станува безбедносно прашање и оти членството во Унијата ќе претставува безбедносен гарант.

Малинка Ристевска Јорданова, во разговор за МИА наведува дека во земјава овој Ден на Европа се пречекува со сѐ помалку надеж за брз почеток на преговорите, зашто и покрај отстапките од македонска страна, Бугарија е упорна со ветото.

– Малкумина минатата година ќе поверуваа ако некој кажеше дека овој Ден на Европа континентот ќе го дочека со војна на неговото тло. Европската Унија реагираше поединствено одошто се очекуваше на руската агресија врз Украина, дури за првпат оддели од нејзиниот буџет и средства за воена помош на Украина, и тоа – од Инструментот за мир, изјави за МИА Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ).

Сепак, оценува Ристевска Јорданова, наспроти првично покажаната единственост, веќе се покажуваат пукнатините во нејзиното ткиво, сега видливи околу воведувањето на санкциите во вид на забрана на увоз на енергенси од Русија, покрај претходните – најмногу околу непочитувањето на владеењето на правото во некои земји-членки.

– Европската Унија денес се наоѓа пред повеќе нови прашања, одошто одговори за веќе поставените, и покрај штотуку завршената Конференција за иднината на Европа. Едно од нив е како ЕУ ќе продолжи со проширувањето, ако се во ризик внатрешните реформи, што беа поставени како претпоставка за проширување. Многумина очекуваат новите геостратешки околности и новите барања за членство да го забрзаат проширувањето, но тоа засега останува на ниво на декларација, вели Ристевска Јорданова.

Таа смета дека сепак, треба да се очекува сегашнава, а веројатно и потешка идна криза, да биде мотив повеќе за лидерите во ЕУ да бидат порешителни во изнаоѓањето решенија, достојни на визијата за обединета Европа.

Од друга страна, наведува Ристевска-Јорданова, се намалија очекувањата на граѓаните од нашиот дел на Балканот за извесно и сигурно членство во ЕУ. Таа нагласува дека во овие услови вистинското прашање за граѓаните и лидерите од регионот е како оваа критична точка за интеграција во ЕУ да ја претворат во пресвртна точка.

– Во Македонија овој Ден на Европа се пречекува со сѐ помалку надеж за брз почеток на преговорите, зашто и покрај отстапките од македонска страна, Бугарија е упорна со ветото. Ни претстои тежок период во кој ќе мораме на подолгорочна основа да ја поставиме нашата стратегија и тактика за членство во ЕУ, во согласност со нашите национални интереси. Барем се чини дека се ослободуваме од бајката дека кога еднаш ќе ги почнеме преговорите (па макар и по недозволиво висока цена) сѐ ќе се смени и ЕУ брзо ќе нѐ претвори во идеално општество, истакнува Ристевска Јорданова за МИА.

Патот на земјава кон ЕУ – Од Договор за стабилизација и асоцијација во 2002, се уште чека на почеток на преговори во 2022 година

Северна Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ. Земјава во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 година аплицираше за членство, а во декември 2005 година се стекна со статус земја кандидат. Во 2009 година, по неколку продлабочени реформи во клучните области, првпат ја доби и препораката на Европската комисија за почеток на преговори, паралелно и со либерализираниот визен режим и оттогаш па се до одлуката во март 2020 за почеток на преговори, ЕК имаше над десет препораки за почеток на преговори со земјава. И две години по одлуката на Советот на ЕУ за старт на преговори, поради блокадата на Бугарија, поради идентитетски и јазични прашања, државава се уште нема формален почеток на преговори.

Во 2012 година воспоставен е Пристапниот дијалог на високо ниво, којшто внесе динамика во реформскиот процес за пристапување кон ЕУ преку зајакнување на довербата и зголемување на европската перспектива на земјата, а истиот беше фокусиран на клучните предизвици во следните пет области – слобода на изразување во медиумите, владеење на правото, реформа на јавната администрација, изборна реформа, зајакнување на пазарната економија. Препораките на Комисијата за преговори во 2015 и 2016 година беа условени препораки – условени со Пржинскиот договор, имплементацијата на итните реформски приоритети и спроведување коректни избори.

Во јуни 2018 година Советот на ЕУ заклучи дека ЕУ ја остава отворена вратата за отпочнување преговори во втората половина на следната година, условено со напредок во реформите.

Северна Македонија во меѓувреме во септември 2018 година го почна скрининг процесот, т.е. објаснувачкиот скрининг за пристапување во Европската Унија, којшто почна со Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права. Објаснувачкиот скрининг заврши кон крајот на 2019, со што земјава тогаш заврши една важна фаза уште пред официјалниот почеток на преговори.

Во јуни 2019 година, во заклучоците на Советот на ЕУ беше наведено дека Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор и Договорот за добрососедски односи со Бугарија и добро ја забележува препораката на Комисијата за отворање на пристапните преговори со РСМ, базирана на позитивната проценка на постигнатиот напредок и исполнувањето на условите утврдени од Советот.

Советот на ЕУ на 24 март 2020 донесе одлука дека Северна Македонија треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ, но две години подоцна се уште без формален почеток на пристапни преговори поради блокадата на Софија.

Историјат на ЕУ

Денот на Европа – 9 мај, е воспоставен како ден на сеќавањето на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, којашто се смета за прв официјален чекор во создавањето на ЕУ. Тогаш Шуман го презентира предлогот за создавање организирана Европа, како опција за одржување на мирот на европскиот континент. Предлогот познат како „Шуманова декларација“ се смета за почеток на формирањето на тоа што денес претставува Европската Унија.

Декларацијата била предлог за поранешните непријатели, Франција и Германија, да воспостават организација која заеднички ќе управува со нивните индустрии за јаглен и челик, со цел војната во Европа никогаш да не се повтори. Првично, активностите се однесуваа на создавање заеднички пазар за јаглен и за челик на земјите основачи – Германија, Франција, Белгија, Италија, Луксембург и Холандија.

Денес ЕУ ја сочинуваат 27 земји членки, откако Велика Британија по т.н. Брегзит официјално излезе од Унијата на 1 февруари 2020 година.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*