„Чунгалунговски, Пепелашка и принцот тортичка“ нова детска претстава на штипскиот Народен театар

 Штипскиот театарски ансамбл со нова театарска претстава за најмалите. „Чунгалунговски, Пепелашка и принцот тортичка“ ќе ја забавува најмалата штипска публика премиерно вечерва во 19 часот,  а претставата ќе има уште неколку репризни изданија месецов. Според режисерот на претставата, Никола Ристов, истата има една убава историја, зашто е играна во деведесеттите години, а сега децата ќе може да видат една обработка на истата.

Беше предизвик да најдеме начин како да изработиме претстава и затоа се одлучивме за еден текст којшто веќе беше поставуван во Штип во деведесеттите години, а со работа со драматурзите го прилагодивме да одговори на предизвиците и да ја направи позабавна и повесела. Текстот беше напишан од Александра Продановиќ, вели  Ристов.

Во претставата од штипскиот театар играат актерките Валентина Ѓоргиевска, Марија Минчева Андонов и Елена Шорова Дербов, како и актерот Миле Вратеовски, кој го игра ликот на глувчето Карамелко. Според него, процесот бил едно напорно дело, но на крај децата како најискрена публика ќе го оценат резултатот.

Секогаш е огромно задоволство да се игра во детска претстава, но за мене е и најголем предизвик. Секогаш треба повеќе да се потрудиш за да можеш да ги убедиш децата во тоа што си. Секогаш е задоволство, затоа што тие се најискрената публика и мислам дека во овој процес сработивме едно добро дело, така што беше доста напорно, требаше повеќе кондиција за самиот лик. Но мислам дека направивме добро дело и ве поканувам сите да дојдете и да уживате“, рече Вратеовски.

Освен актерите од штипскиот театар, во претставата има и гостувачки актери, Ава Хусеини и Дарко Наковски, кои истакнаа дека е особено задоволство и чест да се игра во една ваква интересна претстава. Директорот на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, Горан Трајков истакна дека имаат секогаш што да понуди за најмалите, и покрај тоа што има многу предизвици. Годинава освен оваа, ќе има уште неколку претстави кои ќе ја забавуваат најмладата публика.

Оваа година мислам дека ќе имаме три, две сигурно, а третата зависи од конкурсот којшто го имаме објавено за детски драмски текстови, вели Трајков.

Претставата „Чунгалунговски, Пепелашка и принцот тортичка“ ќе се игра премиерно вечерва, во 19:00 часот, а уште две репризи ќе има на 11 и 13 мај исто од 19:00 часот. Влезниците за премиерата се по цена од 100 денари.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*