Борел: Европа не се бори против Русија, туку ја брани Украина

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека ЕУ не се бори против Русија, туку ја брани Украина.

– Воопшто не ми се допаѓа приказната за Запад против Русија или Запад против други … ова е прашање на Повелбата на Обединетите нации. Се работи за суверенитетот на државите и почитувањето на границите и некористењето на сила против нивните соседи, нагласи тој.

– Ние не се бориме против Русија, ние ја браниме Украина. А одбраната на Украина значи одбрана на меѓународниот поредок заснован на правила. Во спротивно, ќе дојде законот на џунглата, изјави Борел за Еуроњуз.

Дипломатот смета дека ова е момент во кој ЕУ е важен геополитички актер и носи важни воени и енергетски одлуки. Војната во Украина ја покажа зависноста на Европа од руската енергија, а Борел смета дека Европа ќе мора да ја плати цената ако сака успешно да ги брани своите вредности и слободи.

– Мораме да сфатиме дека одбраната на слободата и борбата против војната во Украина ќе имаат цена. Политичарите треба да имаат поголема храброст да им објаснат на луѓето дека овој трошок мора да се прифати бидејќи во спротивно цената ќе биде многу повисока, додаде тој.

Тој нагласи дека ЕУ се движи кон ставање крај на зависноста од руската енергија и оти без оваа војна ЕУ немаше да преземе мерки за ослободување од енергетската зависност од Русија.

– Ние би работеле како и обично. Без оваа војна, не бевме свесни дека Европа е во опасност. И ако сме во опасност, тогаш треба да се соочиме со тоа, рече тој додавајќи дека има и други начини на кои европските земји може да и наштетат на руската економија.

– Сите зборуваат за забрана за увоз на нафта, но има и други начини да му се зададат проблеми на Путин. Тие се поврзани со осигурувањето. Доколку одлучиме дека нашите осигурителни компании нема да го осигураат транспортот на руската нафта, тоа ќе биде голема пречка за Русите да ја транспортираат нивната нафта не само во Европа туку и во остатокот од светот, рече Жозеп Борел.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*