ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата почнуваат активна блокада на Собранието, за власта тоа е неодговорно и за политички цели

Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ од денеска почнуваат со активна блокада на Собранието која ќе трае сè до договорот за датум за предвремени парламентарни избори. Власта, сепак смета дека овој чекор е за политички цели и потенцира дека лидерска средба заснована на уцени и закани нема да има. Доколку евентуално се одржи лидерска средба, според нив, таа треба да биде за прашања кои се стратешки и кои значат подобар живот на граѓаните.

Одлуката за блокада на Собранието беше потврдена едногласно на вчерашниот состанок на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“. Блокадата, според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски подразбира „попречување на штетните закони и политики“.

На седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа на 4 мај, беше донесен заклучок да се пристапи кон активна блокада на работата на Собранието, и како што тогаш образложи потпретседателот на партијата Александар Николовски, таа подразбира блокада на сите штетни законски решенија и прописи што доаѓаат од Владата на СДСМ и ДУИ.

По вчерашниот состанок на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, координаторот Мицевски истакна дека „ова е процес што ќе трае најверојатно до пад на оваа Влада и одржување предвремени избори“. На координативната средба присуствуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

– Подготвени сме да одиме до крај зашто можеме и мораме да ја осигураме иднината на граѓаните, изјави Мицевски.

Според партијата, активната блокада е барање на граѓаните, бидејќи, според нив СДСМ создаде криза и сиромаштија.

– До 100 посто се зголемени цените на основните продукти, за 70 проценти се зголемени цените на горивата, за 30 отсто е зголемена цената на струјата, за 15 проценти е зголемена цената на парното греење. Тоа е во поголем дел вина на СДСМ и лошото управување со државата заради криминал. Ако остане СДСМ на власт долгот само ќе се зголемува, а инвестиции нема да има, сиромаштијата ќе расте, а криминалот ќе царува. Затоа предвремени парламентарни избори час поскоро, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села смета дека предвремени парламентарни избори треба да има во октомври доколку земјава не добие датум за преговори на Самитот на Европската унија во јуни. 

По вчерашната седница на Претседателството на партијата, Села изјави дека власта нема легитимитет и кредибилитет до редовните парламентарни избори во 2024 година.

Според премиерот Димитар Ковачевски, блокадата на Собранието од страна на најголемата опозициска партија е неодговорна и за политички цели. Тој потенцира дека со блокирање на Собранието се бојкотираат граѓаните и компаниите.

Собранието, вели Ковачевски, е местото каде се носат и се унапредуваат законите и порача дека не смее да се дерогира работата на Парламентот преку одржување на лидерски средби, на кои на политичко ниво, без никаква дебата би се разговарало за теми од оперативен карактер.

Говорејќи за предвремени избори, Ковачевски вчера порача дека изборите ќе се одржат во нивниот редовен термин.

– Избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, па парламентарни, во својот редовен термин. Доста беа времињата кога во државата се правеа избори на само две години, кога економијата стоеше и кога единствено нешто што правеше владеачката партија, беше мерење на својот рејтинг и одење на избори и на крајот видовме како заврши целиот тој процес. Владата има полн легимитет и мандат, посветена е на решавање на проблемите и справување со предизвиците пред граѓаните и државата, порача вчера Ковачевски.

И лидерот на ДУИ Али Ахмети е на ставот дека бојкотот на Парламентот што го најави опозицијата е саботажа на граѓаните.

– Предупредувањето на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот не му служи на здравјето на самата партија, бидејќи тоа не е поддржано од ниту една земја на ЕУ. Каква е визијата со блокадата што ја прават? Дали сакаат да си го подобрат партискиот имиџ или сакаат да бидат црна дупка во Македонија? Јас не знам која е нивната агенда и каква блокада ќе наметнат, но со саботажа на законите што се во корист на граѓаните мислам дека нема да добијат добар имиџ, рече вчера Ахмети.

Ахмети се согласува со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски доколку повикува на средба за да се разговара за проблемот со Бугарија, но инаку, како што рече, не смета дека е вистинско време.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*