Грковска – Реитман: Интероперабилноста и електронската лична карта се предуслов за успешна дигитализација 

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, денеска оствари средба со директорот на естонскиот Центар за регистри и информациски системи Риво Реитман, со кој разменија информации за процесот на дигитализација на општеството, но и за интероперабилноста на податоци, информираат од прес-службата на Владата.

Грковска, во рамки на Проектот за унапредување на дигитализацијата на  Северна Македонија, а во соработка со естонскиот Центар за меѓународен развој и со поддршка на Соединетите Американски држави е во тридневна посета на естонските институции кои се носители на естонското дигитално општество.

Директорот Реитман нагласи дека меѓуинституционалната размена на податоците и воведувањето на електронска лична карта се клучните чекори во процесот на дигитализација, по што процесите потоа само треба да се надградуваат.

Вицепремиерката Грковска информираше дека во Република Северна Македонија веќе е почнат процесот на интероперабилност, а се работи и на воведување на електронска лична карта и токму затоа естонското искуство за нас е многу важно.

Таа информираше дека е клучно поврзувањето на државните институции и нивната меѓусебна размена со цел институциите да бидат обврзани за споделување на информациите и податоците кои граѓаните веќе еднаш ги дале на една институција т.е. да се воведе и имплементира принципот само еднаш да се побара еден податок од граѓаните, а потоа останатите институции да вршат размена на тој податок.

Двајцата соговорници се согласија дека при спроведувањето на дигитализацијата многу е важно да се обезбеди безбедност на податоците на граѓаните, со што ќе се зајакне довербата во целиот процес.

Вицепремиерката Грковска подетално се запозна и со процесот на воведување на електронска лична карта во Естонија, преку кој е овозможено естонските граѓани да имаат најбезбеден дигитален идентитет.

Во тој контекст, нагласи вицепремиерката Грковска, соработката со естонската Влада за нас е клучна, не само во процесот на спроведување на дигитализацијата, туку и во процесот на информирање и обука на граѓаните. Затоа, додаде таа, за нас е важно доследно да се применуваат трите клучни принципи при воспоставувањето на електронска лична карта, а тоа се довербата, достапноста и интегритетот на податоците. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*