ИАТА прогнозира стабилизирање на воздушниот патнички сообраќај

Патничкиот воздушен сообраќај би можел да се врати на нивоата пред пандемијата уште во 2023. – една година порано од очекуваното, смета челникот на Меѓународната воздухопловна асоцијација – ИАТА, Вили Волш.

Континуираното ублажување на епидемиолошките мерки ширум светот ја ослободува побарувачката за патување што беше попречено од строгите ограничувања и контрола последниве две години, поради пандемијата на Ковид-19. Така, патничкиот сообраќај расте побрзо од очекуваното, и покрај војната во Украина и континуираните ограничувања во Кина – главниот авијациски пазар, изјави вчера извршниот директор на ИАТА.

– Сведочиме за многу добри резервации. Во секој случај, сите извршни директори на авиокомпаниите со кои разговарам забележуваат подобра побарувачка за патувања на крајот на годината, но сведочат и за континуирана побарувачка во текот на целата година, изјави Волш на конференција во Ријад, Саудиска Арабија.

Високите цени на нафтата и нарушувањата во туризмот поради недостиг на работна сила, досега не ги одвратија луѓето од патувања.

– Мислам дека не треба да заборавиме на фактот дека сме сведоци на „силно закрепнување“ и мислам дека тоа ќе забрза до крајот на годинава и почетокот на 2023., додава Волш.

Тој, сепак, предупреди дека во некои периоди следната година тоа би можело да биде послабо отколку пред пандемијата, поради послабите резултати во азиско-тихоокеанското подрачје, што е битен пазар.

– Во Европа, патничкиот сообраќај може да се врати на нивоата пред пандемијата следната година, доколку продолжи да закрепнува со сегашното темпо, се согласува и Хенрих Хололеј – директор на Управата за превоз и движења на Европската комисија.

Извршниот директор на „Виз ер холдингс плц“, Јозеф Варади, изјави дека е сосем уверен дека летната сезона ќе биде добра и дека се планираат повеќе летови отколку периодот пред пандемијата во 2019 година.

– Ова лето нѐ очекува „многу интересна мешавина“… Поголем број патници, но и потенцијални предизвици, како што се проблеми со синџирот на снабдување и повисоките трошоци… „Виз ер“ обезбеди околу 60 отсто од своите потреби за гориво за следните шест месеци, рече Варади.

Тој притоа нагласи дека, благодарение на добриот рејтинг, кредитната способност и ликвидност, „Виз ер“ одржува поволни услови за пристап до капитал.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*