Промовирана Алијансата за родова еднаквост: Потребна е охрабрувачка култура за поголема застапеност на жените на пазарот на трудот

Од денеска започнува со работа Алијансата за родова еднаквост, платформа која се стреми да го адресира предизвикот на родовата нееднаквост со фокус на работното место. Оваа платформа е иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија.

– Секоја иницијатива тргнува од детектиран проблем или предизвик. Алијансата се труди да го адресира овој предизвик, односно да придонесе за забрзување на прогресот во намалување на родовиот јаз на работното место, креирање на инклузивна култура и еднаквост и отклучување на енергијата што постои помеѓу дигитализацијата, е-трговијата и жените, изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска на денешната промоција.

Согласно податоците од Светскиот економски форум, Ангеловска вели дека со вакво темпо, потребни ќе бидат 250 години за жените и мажите да бидат платени еднакво. Таа посочи дека дигитализацијата нуди многу повеќе можности од традиционалниот свет, како и поголема еднаквост, еднакви можности, одржлив раст и развој, а сепак и во дигиталниот свет доминираат мажите.

– Затоа се трудиме да влијаеме на забрзување на темпото што се одвива фрустрирачки бавно. Од друга страна сите студии што ја испитуваат корелацијата помеѓу жените и мажите и перформансите, укажуваат на сознание дека поголема застапеност на жените на водечките позиции води ди подобри резултати на компаниите. Тимовите што се поразлични или имаат еднаква застапеност имаат можност да бидат попродуктивни и да испорачаат подобри резултати како и во продажба така и во зголемување на приходите, вели Ангеловска.

Според податоците, што претседателката на Асоцијацијата за е-трговија ги презентираше, Западен Балкан во просек годишно губи околу 18 проценти раст на Бруто-домашниот производ, поради недоволна застапеност на жените во економијата.

На промоцијата на платформата поддршка даде и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска која посочи дека родовата еднаквост е високо на агендата на Владата и Министерството и како надлежни за креирање на специфична политика за родова еднаквост, вклучени се и ги водат процесите за интеграции на родовата перспектива, во сите политики и процеси во рамки на надлежните Министерства и во рамки на тоа што значи надлежност на Владата.

– Во моментов сме посветени на подготовка на нови законски решенија што ќе значат унапредување на родовата еднаквост, во посебните области од општественото живеење. Интензивиран е процесот на подготовка на Законот за работни односи, каде ќе биде транспонирана целосно директивата на Европската Унија за хармонизација на семејниот и професионалниот живот, што ќе значи дополнително унапредување на положбата на жените на пазарот на труд и подобрување на работните услови, информираше министерката Тренчевска.

Тоа што е специфична политика, Тренчевска вели дека е Законот за работни односи, но се работи и на тој процес, односно се прави подготовка на нов Закон за родова еднаквост, со кој ќе се унапреди еднаквоста во сите сфери на општественото живеење, но како најважно ќе се зајакне механизмот за родова еднаквост на национално и локално ниво.

Министерката за труд и социјална политика најави дека во рамки на ИПА проектите, објавен е јавен повик за финансиска поддршка на малите и средни претпријатија, коишто ќе промовираат мерки за усогласување на семејниот и професионалниот живот и флексибилни работни аранжмани.

– Тоа е финансиска награда што ќе се додели на шест приватни компании што ќе промовираат родова еднаквост во рамки на работата во таа компанија. Во таа насока, тука сум денеска да ја поддржам и промовирам Алијансата за родова еднаквост и верувам дека како платформа ќе го обедини приватниот сектор и ќе биде партнер на МТСП и Владата во креирање на политиките што се однесуваат на еднаквоста, платата и еднакви можности, додаде таа.

Алијансата за родова еднаквост има три цели, односно се залага за еднаква застапеност, еднаква плата, еднакви можности. Податоците покажуваат дека жените во Северна Македонија се помалку застапени на пазарот на труд и се помалку платени за 12 проценти од мажите за иста работа, а забележително е и присуството на предрасудите и стереотипите, поради што е потребна охрабрувачка култура за да жените можат да го дадат својот придонес.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*