Иран уапси двајца Европејци за време на посетата на претставникот на ЕУ за нуклеарната програма

Иранското Министерство за национална безбедност денеска соопшти дека се уапсени двајца европски државјани за време на посетата на пратеникот на Европската унија Енрике Мора во врска со преговорите за иранската нуклеарна програма.

Како што пренесе Бета, Министерството соопшти дека двајцата уапсени Европејци планирале рутинските барања на повеќе општествени и професионални групи да ги претворат во „хаос, социјален неред и нестабилност“.

Во соопштението се наведува дека се уапсени „професионални стручни“ агенти кои биле ангажирани од разузнавачката служба на една европска земја, но не се соопштува нивната националност.

Според иранското Министерство, уапсените претходно биле следени „од моментот кога влегле во земјата“, а забележани се врски со, како што е наведено, една „нелегална“ организација на ирански просветители, кои често протестираат поради спорови со државата за платите.

Претставникот на ЕУ Енрике Мора е во Иран поради застојот во меѓународните преговори за иранската нуклеарна програма. Иран требаше да го ограничи процесот на збогатување ураниум, за што ќе добие укинување на економските санкции.

Преговорите се во застој поради барањето на Иран, САД да ја отстранат Револуционерната гарда од листата на терористички организации.

Интензивирањето на иранската програма за збогатување ураниум почна во 2018 година, кога САД еднострано се повлекоа од договорот меѓу неколку земји и Иран, потпишан во 2015 година, со одлука на тогашниот претседател Доналд Трамп.

Во тие преговори учествуваа Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД, Германија и ЕУ.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*