МЗШВ: Во тек е јавниот повик за „рурална жена“, земјоделките да аплицираат и да ја искористат поддршката

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) потсетува дека е во тек јавниот повик за поддршка на руралните жени и дека крајниот рок за аплицирање е 20 мај 2022 година.

Според МЗШВ, има доволно време за сите заинтересирани да поднесат барања и да ги искористат средствата од мерката кои од оваа година се двојно повисоки – грантот е зголемен од 3 000 на 6 000 евра неповратни средства по корисник. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво.

-Ги повикуваме жените земјоделки максимално да ја искористат поддршката и да аплицираат. За потсетување, на минатиот повик аплицираа 250 жени и сите се добитници на грант. Ефектите кои се постигнаа со оваа мерка, се развиени мали семејни бизниси и нови производи на пазарот, наведува МЗШВ.

Право на користење средства имаат сите земјоделски стопанства чиј носител е жена, запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој. Средствата се наменети за инвестиции во набавка на опрема за преработка и/или доработка на примарни земјоделски производи и инвестиции во набавка на услуги за спроведување на деловниот план на инвестицијата. Од сопственото земјоделско производство жените можат да развијат широк спектар на призводи со додадена вредност, како што се маџун, сирења, кашкавали, пчеларски производи, мармалади, слатка, ајвар и други производи.

Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Еден барател може да поднесе само едно барање за оваа мерка.

-Земјоделските стопанства кои се корисници на ИПАРД програмата за истиот тип инвестиција (градба, опрема и услуги)  и земјоделските стопанства кои се претходни корисници на мерката, не можат да бидат корисници на финансиска поддршка на истата мерка. Доколку намената на инвестицијата согласно одобрениот деловен план предвидува преработка на земјоделски производи, корисниците на оваа мерка треба да ја евидентираат дејноста во Агенцијата за храна и ветеринарство по реализација на инвестицијата. Барателите на финансиска поддршка потребно е да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за локација на инвестицијата, податоци за инвестицијата и електронски да ги прикачат потребните документи предвидени за мерка 115, посочува МЗШВ.

За сите информации земјоделките може да се јават на телефонскиот број на Платежната агенција  (02)3097-460 или да се обратат преку електронската адреса: ipardpa.info@ipardpa.gov.mk и на веб-страницата: www.ipardpa.gov.mk. За сите заинтересирани е овозможена и поддршка од подрачните единици на Министерството за земјоделство.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*