„Телеграф“: Путин ја деградира ФСБ, командата врз разузнавањето во Украина доделена на генералот Алексеев од ГРУ

Рускиот претседател Владимир Путин ја деградирал ФСБ поради неуспесите во првата фаза од офанзивата во Украина, а командата да раководи со разузнавачките операции на терен и е доделена на руската шпионска служба ГРУ, објавува денеска лондонскиот весник „Телеграф“.

Според „Телеграф“ руските војници дури и одбивале да ги извршуваат наредбите во Украина, убиени биле неколку генерали на руската армија, а уништени биле други важни руски цели меѓу кои и командниот брод на руската Црноморска флота.

Назначувањето на бруталната руска воена шпионска единица ГРУ треба да ги подобри перформансите на руската војска во Украина, ја пренесува весникот изјавата на Андреј Солдатов, академик и експерт за руската разузнавачка мрежа.

Солдатов цени дека ефикасноста на руските трупи на терен ќе биде засилена, со подобра комуникација меѓу трупите, координираност и подобрена логистика.

Новиот човек на Путин задолжен за собирање разузнавачки информации во Украина е генерал полковник Владимир Алексеев кој, како што пишува „Телеграф“ бил вклучен во напади и обиди за атентат на Запад.

Обединетото Кралство и Европската унија го обвинуваат Алексеј дека раководел со нападот со хемиско оружје во Солсбери 2018 година.

„Тој е искусен специјален агент, исто така санкциониран од САД заради директна вмешаност во кибер-нападите за време на изборите во САД во 2016 година“, вели Солдатов.

Генералот Алексеев беше унапреден во прв заменик-шеф на ГРУ во 2012 година.

„Тој водеше воена операција во Сирија и беше вклучен во конфликтот во Донбас. Колегите офицери го сметаат за брутален и самоуверен до степен на немилосрдност. Секогаш е подготвен да убие“, вели Солдатов.

Цел на хемискиот напад во Солсбери од 2018 година за кој е обвинета руската разузнавачка служба ГРУ беше двојниот агент Сергеј Скрипал и неговото семејство.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*